Охрид е главниот, културно историски град на Република Македонија, град со многу содржини и убавини, кои доколку се потрудите барем малку да ги побарате ќе видите дека им нема крај. Тука доаѓаат туристи и посетители од различни градови од Македонија но и различни земји од светот во поголем или помал број и сите се вљубуваат во прв поглед во него.
Никој не би останал рамнодушен, чекорејќи по плочниците по кои е испишана неколку милениумската историја, или пак уживајќи во галењето на светликавиот одблесок на сонцето од водите на Охридското Езеро.
Кога некоја туристичка група го посетува Охрид, нејзиното движење од напред се знае. Се тргнува од плоштедот на кој од пред неколку години стои споменикот на патронот, заштитник Св. Климент Охридски, се оди по историската улица Цар Самуил, поминувајќи ги притоа музеј Куќата на Робеви, црквата Св Софија од XI век, Античкиот Театар, Горна Порта, Галеријата на икони, црквата Св. Богородица Перивлептос, Самуиловите Тврдини, Плаошник со Св. Климентовата возобновена црква посветена на Св. Пантелејмон и на крајот, црквата посветена на Св. Јован Богослов, кај месноста Канео.
Но Охрид не се состои само од овие културно историски споменици. Карактеристично е тоа што во Охрид, има 365 цркви-манастири,познато кај народот „за секој ден од годината по една црква или манастир“ Има и други многу интересни црквички и места кои би требало да ги посетите доколку би дошле некогаш во Охрид. На пример; никој не знае дека во Охрид има само една црква која вистински го носи името на Св. Климент, тоа е малиот параклис Мал Св. Климент, кој се наоѓа во непосредна близина на долната порта и уште две мали црквички од ЏИВ и ЏВ век, Болничките цркви Св. Богородица и Св.Никола, кои исто така пленат со својата убавина и се многу често посетувани од специјално организирани групи кои се интересираат за историјата на уметноста. Многу е интерсно да се спомене, дека моштите на Св. Климент околу 100 години биле сместени токму во малиот параклис посветен на светецот.
Црквичката била изградена во втората половина на петнаесеттиот век и се претпоставува дека една од причините била, чувањето на моштите на Св. Климент. Исто така во Охрид, можете да уживате на многубројните плажи, кои во текот на летната сезона се преполни со луѓе, а доколку сакате мир и спокојство, би Ви ја препорачала плажата Лабино, која не секој Охриѓанец ја знае, а луѓето кои живеат надвор од Охрид никогаш не ни чуле за оваа плажа. Постои уште од турското и уште од тоа време постои патче кое води до плажата. Поделена е на три дела, женска и машка плажа и плажа тајфа.
Доколку сакате да бидете надвор од цивилизација и бучава посетете ја оваа плажа, се наоѓа на 10 минути одење западно од црквата Св. Јован Канео. Секако можете да ги посетите и дивите плажи помеѓу кампот градиште и селото Трпејца, но оваа плажа Ви е најблиската од ваков тип. Сите знаеме дека Охридското Езеро е поделено помеѓу две држави Р. Македонија и Р. Албанија. Скоро никој не бил од другата страна на езерото.
Од следната година посетителите на Охрид ќе имаат можност со брод да стигнат до другиот брег и да го посетат Поградец кој се наоѓа во албанска територија, или пак да направат обиколка околу целото Охридско Езеро со брод. Оваа можност ќе ја збогати понудата на градот Охрид, а исто така ќе можат да се направат многу примамливи понуди за „колекционерите на земји“ , оние кои секогаш сакаат да имаат печат плус во нивниот пасош. Често пати читам некои критики, како Охрид ги изгубил магарињата а со тоа ги изгубил и Холандските туристи. Тоа не е вистина, такви ексурзии кои сега по најнова мода се викаат „сафари со магариња“, можат да бидат организирани на повеќе места во Охрид и Охридско, тргнувајќи од селото Елшани, Пештани, Шипокно, па се до оддалеченото Куратица, каде во текот на 2005 и 2006 год.имаше по педесетина посетители дневно токму заради „сафарито со магариња“.
ПОСЕТЕТЕ ГО ОХРИД, ВО НЕГО ИМА ШТО ДА СЕ ВИДИ, НАУЧИ И ДОЖИВЕЕ.